Електронска алка што ќе ја предупреди жртвата и ќе ги алармира надлежните кога насилникот ќе ја прекрши забраната за приближување – ова е барањето зад петицијата што ја промовира претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова. Таа информираше дека петицијата е подготвена по барање на граѓаните и повика на поддршка за воведување електронско следење на сторителите на насилство.
„Електронската нараквица ќе ја предупреди жртвата и ќе ги алармира надлежните кога насилникот е поблиску од законски утврденото растојание“, се наведува во повикот за петицијата.
Барањето е поврзано со иницијативата на ЛДП за измени во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Според јавното образложение на партијата, електронската нараквица би била дополнување на мерката забрана за приближување на сторителот до жртвата. Намерата е прекршувањето на забраната да биде проследено со предупредување, наместо заштитата да се потпира само на изречената мерка.
Иницијативата претходно не доби доволна поддршка во Собранието. На 18 март 2026 година за предложените измени гласале 27 пратеници. Предлогот беше поднесен и претходната година, но ниту тогаш не беше изгласан.
Со петицијата, Зајкова сега ги повикува граѓаните да го поддржат воведувањето на оваа дополнителна мерка за заштита од насилство.









