Извештајот на Европската комисија за 2026 година ги потврдува предупредувањата за начинот на кој се подготвува „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, оцени Левица. Според партијата, укажувањата на Брисел за транспарентно управување, стабилно финансирање и соработка со културните чинители се спротивни на предложениот модел, кој отвора простор за политичко влијание и нетранспарентна распределба на средствата.
Од Левица наведуваат дека Европската комисија укажува и на потребата од навремена реализација на проектот. Наместо можност за суштински развој на културата, предупредуваат од партијата, „Скопје 2028“ ризикува да стане „партиски режирана претстава“.
Во реакцијата повторно го актуализираат спорното законско решение со кое набавките на фондацијата задолжена за проектот би се спроведувале надвор од општиот режим на Законот за јавните набавки. Според Левица, со тоа се отвора прашањето кој ќе ги распределува јавните средства, според какви критериуми и под чиј надзор.
„Кој ќе одлучува кои проекти заслужуваат поддршка, според какви критериуми, со какви договори и под чиј надзор?“, прашуваат од партијата. Предупредуваат дека одлучувањето може да се концентрира во тесен управувачки круг, без доволно гаранции дека независната културна сцена, авторите, уметниците и организациите ќе имаат суштинско учество.
Контроверзи околу Предлог-законот за Скопје Европска престолнина на културата 2028
Според партијата, особено е спорно за проект вреден околу 21 милион евра да се предлага исклучок од механизмите што треба да обезбедат јавна контрола и конкурентност. Левица тврди дека по нивните реакции и предупредувања за ризиците, предлог-законот бил повлечен, а најавува дека ќе инсистира на објавување на одлуките, договорите, критериумите и финансиските текови.
Законот беше повлечен
Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“, поднесен од група пратеници по скратена постапка, предизвика реакции уште во јули. Покрај опозицијата, на предложеното изземање од Законот за јавните набавки реагираа и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Државната комисија за спречување на корупцијата.
На 29 јули 2026 година, по процедурална расправа и координација во Собранието, точката беше повлечена од дневниот ред на пленарната седница. Според тогашното известување на „Сакам да кажам“, расправата ги отвори и прашањата за потребното Бадентерово мнозинство и за почитувањето на собраниската постапка. Во истиот извештај беше наведено дека тргањето од дневниот ред не значи и повлекување на предлогот од собраниска процедура.
Два дена подоцна, на 31 јули, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека законот бил повлечен на негово инсистирање и најави јавна дебата. Тој ги отфрли критиките како обид за дезинформирање на јавноста и порача дека не сака да остане сомнеж во транспарентноста на процесот.
„Затоа, на мое инсистирање, законот беше повлечен од Парламентот. Тој ќе биде ставен на јавна дебата“, изјави тогаш Мицкоски.
Антикорупциска побара контрола врз јавните пари
Суштината на спорот беше предложеното решение фондацијата што го реализира проектот да не ги применува редовните правила за јавни набавки. Платформата на граѓански организации предупреди дека фондација основана од Град Скопје и финансирана со јавни средства треба да има статус на договорен орган и да го применува Законот за јавните набавки. Организациите реагираа и затоа што предлогот не бил објавен на ЕНЕР и за него не била спроведена антикорупциска проценка.
ДКСК, пак, побара евентуалното посебно законско решение да ги содржи механизмите за контрола утврдени со Законот за јавните набавки. Комисијата нагласи дека транспарентноста, еднаквиот третман, конкуренцијата и отчетноста не смеат да бидат доведени во прашање, без оглед преку каква институционална форма ќе се спроведува проектот.









