Сите банки во земјава претстојниот викенд ќе вршат планирани технички прилагодувања на своите системи, поради што можно е привремено да бидат недостапни или ограничени дел од банкарските услуги, особено оние поврзани со платежните трансакции. За ова информира Македонската банкарска асоцијација, посочувајќи дека активностите се дел од подготовките за воведување на новите стандарди во денарскиот платен промет, кои почнуваат да се применуваат од понеделник, 9 ноември.
Промените се однесуваат на новиот изглед на платните налози, шифрите за целта на плаќањето и користењето на платежните сметки во ИБАН-формат.
Од Асоцијацијата објаснуваат дека техничките зафати се неопходни за новите правила да можат непречено да се применуваат во секојдневното користење на банкарските услуги.
Колку долго ќе траат евентуалните прекини и кои услуги ќе бидат засегнати ќе зависи од поединечните банки, кои дополнително ќе ги информираат своите клиенти за точните термини и ограничувањата.
Граѓаните и компаниите се повикуваат навреме да ги проверат известувањата од своите банки и да ги планираат плаќањата што треба да ги извршат во текот на викендот.
Од Македонската банкарска асоцијација нагласуваат дека постојните броеви на платежните сметки остануваат исти. Банките ќе го приспособат нивниот приказ и користењето во ИБАН-формат во електронското и мобилното банкарство.








