Четириесет и седумгодишниот М.А. од Велес, осомничен дека на пациенти со карцином им давал инјекции претставувајќи ги како „кубанска вакцина против рак“, добил дополнителни мерки за претпазливост, односно забрана да го напушта Велес. Ова за „Слободен печат“ го потврдиле од Обвинителството, од каде што информираат дека активно работат на истрагата отворена по сведоштвата на семејства на пациенти.
Велешанец на пациенти со рак им давал инјекции со непозната содржина и наплаќал илјадници евра
Покрај забраната за напуштање на живеалиштето, на М.А. му е одземен пасошот и има обврска редовно да се јавува во судот.
Како што пренесува „Слободен печат“, Обвинителството се обратило и до повеќе медицински установи во Србија кои се занимаваат со кубанска медицина, со цел да провери дали постои каква било поврзаност со велешанецот.
Во рамките на истрагата биле извршени претреси на повеќе локации, меѓу кои и во здружение на лица со телесен инвалидитет во Велес, со кое бил поврзан осомничениот. Според неофицијалните информации на „Слободен печат“, таму биле пронајдени медицински препарати кои се предадени на вештачење.
Повеќе семејства од различни градови во земјава претходно сведочеле за „Слободен печат“ дека М.А. им аплицирал инјекции на нивните блиски во домашни услови, тврдејќи дека станува збор за кубанска вакцина против рак. За секоја доза, наводно, наплаќал по 3.200 евра.
Семејствата сведочеле дека им давал ветувања за лекување и на пациенти во терминална фаза на болеста, како и на лица со различни видови карцином. Според објавените сведоштва, еден од случаите се однесува на семејство кое живее во странство, а кое платило 15.000 евра за пет дози, средства собрани преку донации.








