Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против четири лица под сомнение дека биле дел од злосторничко здружение кое со закани изнудувало пари од граѓани и вршело перење пари. Групата, според информациите, ја предводел Драган Петровски од Куманово, познат како Штука, а криминалните активности траеле од 2021 година.
За тројца од осомничените обвинителството побарало притвор од Основниот кривичен суд Скопје, додека четвртиот подолг период се наоѓа надвор од државата. Во предметот е опфатен и нотар, кој се сомничи за несовесно работење во службата, а за него е предложено определување мерки на претпазливост.
Голема полициска акција во Куманово, уапсен Драган Петровски – Штука
Според истрагата, групата ги избирала жртвите меѓу луѓе кои претходно позајмувале пари од организаторот. Иако оштетените ги враќале договорените суми, осомничените продолжувале да им бараат дополнителни исплати, најчесто под изговор дека должат камата. Преку закани и притисоци ги принудувале да им отстапат пари, имот или банкарски сметки за префрлање на средства стекнати со изнуда.
Еден од случаите опишани во истрагата се однесува на жена која од првоосомничениот позајмила 4.000 евра, со договор парите да ги врати за еден месец, заедно со 2.500 евра камата. Иако таа го исплатила целиот договорен износ, осомничениот подоцна побарал да ја користи нејзината банкарска сметка за да пушта во оптек пари прибавени со изнуда.
Откако жената одбила, почнале заканите. Осомничениот побарал да го стави нејзиниот автомобил како залог за наводни долгови. За таа цел биле изготвени фиктивен договор за купопродажба на возилото и уште еден договор за заем во износ од еден милион денари.
Според обвинителството, потписот на жената бил фалсификуван на двата документа, кои потоа биле заверени на нотар без нејзино знаење и согласност. Нотарот кој ги заверил документите сега е осомничен за несовесно работење во службата.
Со ваквата документација, групата повторно ѝ се заканувала на жената да го предаде автомобилот и да го исплати наводниот долг. Сопственоста на возилото била префрлена на еден од осомничените, а оштетената на крајот била принудена да им го предаде автомобилот и да го исплати и фиктивниот паричен долг.
Другиот случај се однесува на маж кој во 2021 година, во два наврати, позајмил по 180.000 денари од осомничениот организатор на групата. Парите му биле потребни за лекување на сопругата. Иако ги вратил позајмените средства, осомничените продолжиле да бараат дополнителни исплати наводно по основ на камата.
Според истрагата, искористувајќи ја неговата финансиска зависност, го принудиле да ја стави на располагање својата банкарска сметка. Преку неа биле префрлани големи суми пари стекнати со изнуда, кои формално биле прикажувани како заеми, а потоа биле подигнувани во готовина.
Обвинителството информира дека истражната постапка продолжува, а треба да се утврдат сите околности и улогата на осомничените во дејствијата што им се ставаат на товар. Сите лица се сметаат за невини до правосилна судска одлука.








