Македонија напредува со реализацијата на два значајни инфраструктурни проекти кои треба да ја променат позицијата на земјата на регионалниот енергетски пазар. Гасните интерконектори со Грција и Србија треба да обезбедат дополнителни можности за снабдување со природен гас, поголема енергетска независност и поврзување со европските енергетски коридори.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, на министерскиот состанок на Иницијативата за енергетско поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), одржан во Загреб, информираше дека македонската делница од гасниот интерконектор со Грција се очекува да биде завршена до средината на 2027 година. Поврзувањето со Србија, пак, е планирано да биде целосно реализирано во 2028 година.
Двата проекти се дел од пошироката иницијатива „Вертикален гасен коридор“, која треба да овозможи поголема диверзификација на изворите и правците за снабдување со природен гас.
„Енергетската безбедност и диверзификацијата повеќе не се само стратешки опции, туку неопходност. Регионалното поврзување и заедничките инвестиции се клучни за стабилно снабдување, конкурентна економија и долгорочна енергетска сигурност“, порача Божиновска.
Покрај изградбата на инфраструктурата, Владата работи и на усогласување на домашниот пазар на природен гас со европските регулативи. Во план е воведување современи механизми за распределба на капацитетите и балансирање на гасниот систем, како и воспоставување независен оператор на пазарот на гас.
На состанокот во Загреб се разговарало и за можностите за транспорт на водород преку новите интерконектори. Македонија веќе ја завршила Националната студија за водород, со што се поставува основа за идниот развој на ваква инфраструктура и нејзино поврзување со европските енергетски коридори.
Со реализацијата на двата гасни интерконектори, земјата треба да добие поголема флексибилност во снабдувањето, но и можност да стане важна транзитна точка за природен гас во Југоисточна Европа. Дополнителните правци на снабдување би требало да ја намалат зависноста од досегашните извори и да придонесат за поголема стабилност на енергетскиот систем.









