Демократите остварија значајни победи на изборите за американскиот Сенат, а меѓу резултатите се издвојуваат историскиот избор на Абдул Ел-Сајед во Мичиген и победата на Џејмс Таларико во Тексас, каде што партијата не успеала да освои сенаторско место уште од 1988 година.
Ел-Сајед, демократ и поранешен функционер во здравствениот систем на Мичиген, го победи републиканскиот кандидат Мајк Роџерс. Со тоа стана првиот муслиман избран во американскиот Сенат, што претставува историски момент за политичката застапеност на муслиманската заедница во САД.
Тој е син на египетски имигранти, роден во Мичиген. По образование е лекар и експерт за јавно здравје, а во минатото ја извршувал функцијата директор на здравствената служба во Детроит. Во изборната кампања се залагаше за универзално здравствено осигурување, намалување на трошоците за живот и ограничување на влијанието на големите донатори и корпорациите врз политиката.
Неговата кандидатура предизвика поделби во Демократската партија, особено поради критиките кон американската воена поддршка за Израел и неговите ставови за војната во Газа. За време на кампањата, тој беше мета и на напади од републикански функционери поради својата верска припадност. Ел-Сајед ги отфрли обвинувањата за поврзаност со Муслиманското братство.
„Можеби го посочуваа моето име и мојата вера, но сите знаеме дека тоа не е причината поради која не можете да си го дозволите горивото“, порача тој во победничкото обраќање, осврнувајќи се на нападите врз неговиот идентитет и на економските проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
Исто така, бидејќи претседателот Доналд Трамп во неколку наврати, намерно или ненамерно го грешеше неговото име кога го критикуваше од говорниците на собирите во различни држави, Ел-Сајед му порача на Трамп дека сега може да го условува многу полесно, односно како „сенаторе“.
Истовремено, демократите забележаа значајна победа и во Тексас. Џејмс Таларико го победи републиканецот Кен Пакстон во трката за Сенатот, со што стави крај на повеќедеценискиот период во кој демократите не успеваа да освојат сенаторско место во оваа сојузна држава. Последен пат демократ бил избран за сенатор од Тексас во 1988 година.
Таларико, 37-годишен член на Претставничкиот дом на Тексас и поранешен наставник, кампањата ја заснова на борбата против корупцијата, намалувањето на трошоците за живот и критиките кон влијанието на богатите донатори во политиката.
„Го вративме Тексас“, изјави Таларико пред поддржувачите во Остин по објавувањето на резултатите, додавајќи дека победата покажува оти политиката на обединување може да ја надмине политиката на поделби.
Победата во Тексас е особено значајна бидејќи станува збор за сојузна држава во која републиканците со години имаа силна изборна предност. Таларико ќе го наследи републиканскиот сенатор Џон Корнин, кој ја извршуваше функцијата од 2002 година.
Демократски пресврт во Вашингтон: Трамп останува без контрола врз двата дома на Конгресот








