Владата денеска го усвои Дополнетиот предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година, со кој се предвидува намалување на вкупните приходи и расходи за околу 5,3 милијарди денари. Измените следуваат по завршувањето на расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет, а дополнетиот предлог повторно ќе биде доставен до Собранието за гласање на пленарна седница.
Со ребалансот се предвидени прераспределби на средствата меѓу буџетските корисници, со цел планираните износи да се усогласат со очекуваната реализација до крајот на годината и да се обезбедат средства за приоритетни исплати.
Според новите проекции, вкупните приходи на Буџетот ќе изнесуваат 374,2 милијарди денари, додека расходите се планирани на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува непроменет и изнесува 46,3 милијарди денари, односно 3,9 проценти од бруто-домашниот производ.
Проекцијата за економскиот раст во 2026 година останува на 4,3 проценти.
Од Владата посочуваат дека измените се направени заради усогласување на Буџетот со актуелните економски услови, досегашните остварувања и реалната динамика на трошење на буџетските средства.








