Обвинителите треба да постават јасна граница кон сите обиди за влијание врз нивната работа и да носат одлуки врз основа на закон, факти и докази, вели новоизбраната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева.
Одговарајќи на новинарски прашања по рочиштето за предметот во кој е обвинет судијата Ѓоко Ристов, таа посочи дека притисоците се дел од реалноста со која се соочуваат обвинителите, но оти тие не смеат да влијаат врз нивните одлуки.
– Веројатно е природно обвинителската работа, по својата суштина, да трпи некакви притисоци. Наше е како обвинители да бидеме резистентни и да ставаме граница на тие притисоци. Не треба да се плашиме – изјави Хаџи Василева.
Таа беше прашана и како би реагирала доколку добие повик или контакт од високи функционери, меѓу кои и премиерот. Според неа, комуникацијата и соработката меѓу институциите се неопходни, но тоа не смее да се меша со обиди за влијание врз конкретни истраги и предмети.
– Органите и институциите не е ништо спорно да соработуваат и тоа е природно, логично и разумно. Ако мислите на некакви интервенции или ургенции, тоа е веќе друго прашање. Ние сме по Устав самостојни и одлучуваме врз основа на право, факти и докази – рече таа.
Новата раководителка најави дека официјално ќе ја преземе функцијата во следните две недели, по завршувањето на законските процедури. Во првиот период од мандатот, како што посочи, ќе се фокусира на организацијата на работата и подобрување на ефикасноста на кривичниот прогон.








