Обвинетиот за палењето на двете дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје ја призна вината на денешното судско рочиште во Основниот кривичен суд. Тој пред судот потврдил дека свесно го сторил делото и дека никој не го принудил на тоа.
„Да, се чувствувам виновен и во целост ја признавам вината, сам одлучив“, изјавил обвинетиот.
Во текот на рочиштето била разгледана и психичката состојба на обвинетиот. Според вештачењето доставено од неговата адвокатка по службена должност, тој бил пресметлив во моментот на извршување на делото. Сепак, во наодот се наведуваат одредени нарушувања, поради што одбраната побарала да биде повикан вештакот што ја изготвил проценката, за дополнително да ги образложи констатираните состојби.
Судот одлучил на следното рочиште да биде повикан и претставник на бугарската амбасада, кој треба да се изјасни дали дипломатското претставништво ќе бара обесштетување за причинетата материјална штета. Според информациите изнесени во судницата, досега не е побаран надомест за евентуалниот страв што го претрпеле вработените во амбасадата.
Инцидентот се случи на 15 јуни годинава, околу пладне, кога обвинетиот запали две дипломатски возила паркирани пред бугарската амбасада на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Според обвинението, тој претходно набавил бензин во пластично шише од блиска бензинска пумпа, со кој ги полеал автомобилите, ги запалил и потоа го напуштил местото.
Првичната постапка ја водеше Основното јавно обвинителство Скопје, но предметот подоцна го презеде Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Обвинението беше поднесено на 16 септември, а на обвинетиот му се става на товар кривичното дело загрозување лица под меѓународна заштита, бидејќи со палењето, според Обвинителството, создал сериозна опасност по животот на лица под меѓународна заштита.
Следното судско рочиште е закажано за 11 ноември.







