Мицкоски размислува за промена на вториот пензиски столб: Граѓаните сами ќе избираат каде ќе ги уплаќаат придонесите
Владата разгледува неколку можни сценарија за промена на вториот пензиски столб, меѓу кои и модел со кој граѓаните самостојно ќе одлучуваат дали пензиските придонеси ќе ги уплаќаат само во државниот фонд или ќе останат во комбинираниот систем со приватни пензиски фондови. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој остро ги критикуваше друштвата што управуваат со средствата на осигурениците, оценувајќи дека остваруваат трипати пониски приноси од очекуваните.
Мицкоски рече дека една од опциите што се разгледуваат е целосно или делумно менување на досегашниот модел, посочувајќи дека во некои европски земји веќе имало вакви интервенции во пензиските системи.
– Во Европа имало случаи на целосно национализирање на вториот столб, како во Унгарија и Полска. Имаме и скандинавско-балтички модел, каде што една година или повеќе била стопирана уплатата во задолжителниот втор пензиски столб. Тоа било направено за да се намали буџетскиот дефицит и да се зголемат капиталните инвестиции. Ние разгледуваме некое меѓухибридно решение во кое на граѓаните ќе им се даде слобода сами да одлучат дали ќе го користат само државниот фонд или комбинирано државниот и приватните пензиски фондови – рече Мицкоски.
Тој директно ги прозва приватните пензиски друштва, тврдејќи дека не успеваат да остварат соодветен принос од парите што им ги доверуваат граѓаните.
– Кај нас, за жал, компаниите што управуваат со вториот пензиски столб остваруваат приноси од средствата на граѓаните кои се трипати пониски од она што треба да биде. Тоа значи дека тие се слаби претприемачи. Не може да ги користите средствата на граѓаните, а тие да не се оплодуваат и да не носат приноси какви што треба, согласно договореното пред 20 години, кога почна реформата. Ако сте неуспешни во бизнисот, доаѓа некој друг кој е поуспешен – порача премиерот.
Како дополнителен аргумент за преиспитување на системот, Мицкоски ги посочи и првите исплати на пензии од вториот столб. Според него, износите што ги добиваат првите пензионери се премногу ниски, поради што државата мора да интервенира и да ја доплаќа разликата до минималната пензија.







