Општините и Градот Скопје во 2025 година склучиле 4.300 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 356 милиони евра, што е највисок износ досега и речиси двојно повеќе од претходната година. Според анализата на Центарот за граѓански комуникации, за една година локалните самоуправи потрошиле за тендери колку што потрошиле во претходните две години заедно.
Најголема вредност на јавните набавки има Општина Тетово, каде што биле склучени договори во вредност од 22,5 милиони евра. Воедно, Тетово го бележи и најголемиот годишен раст, за 20,5 милиони евра во однос на 2024 година. По него следуваат Карпош со зголемување од девет милиони евра, Куманово со 7,4 милиони и Гостивар со 7,3 милиони евра.
На спротивната страна е Струмица, која има најголемо намалување на вредноста на тендерите за 6,1 милиони евра. Пад на јавните набавки е забележан кај вкупно десет општини.
Градот Скопје, и покрај зголемувањето на вредноста на договорите за 1,2 милиони евра во однос на претходната година, се наоѓа на 14-тото место со набавки од 8,5 милиони евра. Дури 13 општини имале поголема вредност на склучени договори од главниот град.
Анализата покажува дека најмногу средства за јавни набавки по жител издвоил Чаир – 2.381 евро. Следуваат Сарај со 1.703 евра, Штип со 1.544, Струга со 1.355 и Тетово со 1.273 евра по жител. Најмалку потрошила Центар Жупа, само 12 евра по жител, додека кај Градот Скопје износот е 16 евра.
Просечно, на јавни набавки биле потрошени 313 евра по жител, што е за 182 евра повеќе од 2024 година. Истовремено, јавните набавки во просек достигнале 48 проценти од консолидираните буџети на општините и Градот Скопје. Кај 36 општини нивниот удел надминал 50 проценти.
Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека високите износи во голема мера се поврзани со средствата што општините ги добиле од Владата за инфраструктурни проекти преку таканаречениот Унгарски кредит. Притоа, се нагласува дека станува збор за вредност на склучени договори, а дел од нив се повеќегодишни, па плаќањата ќе се вршат и од буџетите во наредните години.
Во однос на фирмите, општините во 2025 година склучиле договори со 1.185 компании. Сепак, повеќе од една четвртина од вкупната вредност на тендерите, односно 27 проценти, завршила кај само 10 фирми. Овој удел е за два процентни поени поголем од оној во 2024 година.
Најголема вредност на договори има струмичката компанија „Жикол“, со која девет општини склучиле 16 договори вредни околу 16 милиони евра. На второ место е „Ленди груп“ од Скопје со договори од 14 милиони евра, а на трето „Стентон градба“ од Битола со 11,7 милиони евра.
Дополнително, кај 21 општина една фирма учествува со повеќе од половина од вкупната вредност на јавните набавки. Најизразена е концентрацијата во Сарај, каде што уделот на една компанија достигнува 84 проценти, а потоа следува Теарце со 77 проценти.
Центарот за граѓански комуникации оценува дека ваквите податоци треба да ги поттикнат локалните власти да преземат мерки за зголемување на конкуренцијата, меѓу другото и преку поделба на тендерите на помали делови, наместо нивно окрупнување.







