Најмалку 68 лица загинаа во тешката железничка несреќа во Шпанија вчера, по што властите прогласија тридневна национална жалост. Во Мадрид избувнаа протести на кои граѓаните побараа одговорност од владата и оставки од премиерот Педро Санчез и министерот за транспорт Оскар Пуенте.
Околу 1.500 луѓе се собрале пред Министерството за транспорт во шпанската престолнина. Протестите ескалирале кога дел од демонстрантите почнале да фрлаат шишиња и да палат факели, по што полицијата употребила солзавец за да ја растера толпата. Засега нема потврдени информации за бројот на повредени или приведени лица.
Несреќата се случи на железничката линија што ги поврзува Мадрид и Андалузија, во близина на Урда, во покраината Толедо. Во судирот учествувале воз на државната железничка компанија „Ренфе“, со 397 патници, и воз на приватниот оператор „Ирио“, кој превезувал 147 патници. По ударот, неколку вагони излетале од шините.
Покрај загинатите, десетици лица биле повредени, од кои дел се во тешка состојба. Спасувачките екипи работеа на извлекување на патниците од оштетените вагони, додека надлежните служби спроведуваат идентификација на жртвите и проверуваат дали има исчезнати лица.
Прашањата за безбедноста на железничкиот сообраќај се интензивираа по објавувањето информации за проблеми со сигналниот систем и комуникацијата меѓу контролниот центар и машиновозачите.
Според досега објавените информации, технички дефект го нарушил функционирањето на сигнализацијата, по што сообраќајот на дел од пругата бил запрен. Се испитува и постапувањето на контролниот центар, вклучително и одлуките за продолжување на движењето на возовите.
Министерот за транспорт Оскар Пуенте изјави дека е неопходно да се утврдат сите околности што довеле до трагедијата. Премиерот Педро Санчез најави темелна истрага и порача дека евентуалните пропусти во безбедносниот систем ќе мора да бидат санкционирани.







