Дигиталните лични карти и возачки дозволи достапни преку новата мобилна апликација „м.Услуги“ засега нема да може да се користат при полициска контрола, па граѓаните ќе мора да ги носат и физичките документи, објави „СДК“.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочил дека се потребни измени на правилниците и усогласување на системите на институциите за електронските документи да бидат целосно прифатени.
Министерството за дигитална трансформација ја промовираше апликацијата „м.Услуги“, која овозможува пристап до електронски документи и јавни услуги директно од мобилен телефон. Преку неа, граѓаните можат да ја додадат својата електронска лична карта во дигиталниот паричник, како и да користат електронска верзија на возачката дозвола.
„Ако полиција ве запре да ве легитимира и ви побара лична карта или возачка дозвола, ќе мора да ги приложите пластичните документи. Потребни се измени на закон и правилници, но се работи на тоа. Дотогаш носете си ги со вас и пластичните документи“, изјавил Андоновски.
Тој појаснува дека дигиталниот паричник е уреден со Законот за електронски документи и електронска идентификација, но останува потребата од техничко и институционално усогласување за негово пошироко прифаќање. Институциите ќе треба да обезбедат соодветни системи и апликации преку кои ќе можат да ја проверат автентичноста на дигиталните документи.
Новата апликација е бесплатна и нејзиното користење е доброволно. Покрај личната карта и возачката дозвола, во моментов се достапни и обрасците М1, М2 и М4. Во следните фази е планирано додавање нови електронски услуги, вклучително и можност за плаќање административни такси, како и пристап до дополнителни документи, уверенија и дипломи.
Една од предвидените функционалности е селективното споделување лични податоци. На пример, при потврдување полнолетство, корисникот ќе може да ја сподели само информацијата за возраста, без да ги открива адресата и другите податоци од личната карта.
Од Министерството најавуваат дека дигиталните документи ќе се воведуваат постепено, институција по институција, со цел да се овозможи нивно практично користење и да се намали потребата од хартиена документација. Андоновски посочи и дека до декември 2027 година земјата треба да обезбеди пристапност до европскиот дигитален паричник.







