Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески очекува изборот на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да придонесе за зголемување на довербата во обвинителскиот систем и за поефикасна борба против криминалот и корупцијата.
Савески денеска го оствари своето право на глас, при што оцени дека станува збор за значаен процес во кој самите јавни обвинители одлучуваат кој ќе застане на чело на ова обвинителство.
Петмина обвинители во трка за раководната функција во Обвинителството за организиран криминал
Тој смета дека сите петмина кандидати ги поседуваат потребните професионални квалитети и дека кој и да ја добие поддршката, ќе може да одговори на предизвиците на функцијата.
„Кој и да биде избран, нема да биде погрешен избор. Сите имаат свои професионални капацитети и верувам дека секој од нив подеднакво добро ќе може да одговори на задачите што претстојат“, изјави Савески.
Во трката за раководната позиција се обвинителите Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.
За новиот шеф гласаат вкупно 187 јавни обвинители, а изборот се спроведува со непосредно и тајно гласање во Републичкото јавно обвинителство и во четирите виши јавни обвинителства во Скопје, Гостивар, Штип и Битола.
Гласачките места се отворени од 8 до 16 часот, по што резултатите треба да бидат сумирани на јавна седница на Советот на јавни обвинители.







