Зајакнување на истражниот центар, повеќе финансиски истраги, поефикасно гонење на високата корупција и перењето пари, како и недостигот на кадар, беа меѓу главните теми во програмите на петтемина кандидати за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Кандидатите денеска ги презентираа своите визии пред Советот на јавните обвинители, а изборот на наследникот на Ислам Абази е закажан за 28 октомври.
Покрај сличните приоритети, во фокусот беше и прашањето за независноста на обвинителството и можните надворешни влијанија врз гласањето. Обвинителката Лидија Раичевиќ предупреди дека постои практика одреден кандидат да бара поддршка низ земјата, додека Трајче Пеливанов ги повика колегите да одлучат самостојно, слободно и без влијанија.
Пеливанов нагласи дека успехот на обвинителството не треба да се мери само според бројот на отворени предмети и поднесени обвиненија, туку преку целосно истражени случаи, одржливи судски пресуди и одземање на незаконски стекнатиот имот. Според него, финансиските истраги треба да започнуваат уште на почетокот на кривичните постапки, а институцијата мора да постапува одлучно и законито, без сензационализам и надворешни притисоци.
Раичевиќ, пак, оцени дека обвинителите не треба да се потпираат исклучиво на предмети откриени од полицијата, туку и самите да бидат проактивни во откривањето на криминалот. Таа порача дека е потребна поголема стручност и познавање на структурата на криминалот во општеството, како и почитување на правата на одбраната.
Обвинителот Фатон Азизи меѓу приоритетите ги посочи зајакнувањето на истражниот центар, борбата против перењето пари, особено во градежништвото и со криптовалутите, како и проактивното постапување по предмети поврзани со таканаречените „црни листи“ на меѓународните партнери.
Искра Хаџи Василева најави фокус на финансиските истраги, конфискацијата на имот, дигитализацијата и кадровското зајакнување. Таа ја спомена и вештачката интелигенција како алатка што може да ја олесни секојдневната работа, а оцени и дека институтот спогодување може пошироко да се применува за побрзо завршување на постапките.
Јован Цветановски, пак, се заложи за поефикасно гонење на високата корупција и перењето пари, намалување на бројот на стари предмети и подобра соработка со МВР, Финансиската полиција и другите институции. Тој предложи и јасни насоки за примената на притворот и другите мерки, како и поголема транспарентност преку објавување на обвинителските одлуки.
И покрај сличните ветувања за модернизација и поефикасна работа, кандидатите не понудија конкретни решенија за обезбедување дополнителни финансиски средства и кадар во услови на ограничен буџет.
Изборот на новиот шеф на ОЈО ГОКК ќе се одржи на 28 октомври, од 8 до 16 часот, со тајно и непосредно гласање на 188 јавни обвинители од државата. На актуелниот шеф Ислам Абази му истекува мандатот, откако на функцијата беше избран во октомври 2022 година.








