СДСМ обвинува дека по изборите во Србија започнало забрзано префрлање големи парични средства од „Алта банка“ на сметки на правни лица во Македонија и Русија. Партијата бара Јавното обвинителство да отвори истрага за потеклото на средствата и евентуалните финансиски злоупотреби.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, повикувајќи се на информации објавени во српскиот медиум „Нова.рс“, рече дека адвокатот Иван Ниниќ предупредил за интензивни трансфери на пари кон компании со седиште во Москва и Скопје.
„Се потврдува сè што го говоревме. Последните информации од медиумите во Србија говорат дека Алта банка започнала забрзано и интензивно да префрла големи пари во Македонија и во Русија“, изјави Кузеска.
Таа отвори прашање дали станува збор за префрлање средства со сомнително потекло од Србија во Македонија и побара институциите да проверат каква е нивната намена.
Кузеска упати критики и до гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, барајќи од него да објасни што ќе преземе во врска со наводните трансфери. Од Обвинителството побара итно да постапи и да го испита потеклото на парите.
Од СДСМ тврдат дека „Алта банка“ е поврзана со српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија, а упатија и обвинувања за политички врски со владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Македонија.







