Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 од полноќ се намалуваат за пет денари по литар, додека цената на дизелот останува непроменета. Ова го одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со новата одлука, литар ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава за 91 денар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 за 93 денари.
Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поевтинува за 0,50 денари, па новата цена ќе изнесува 110 денари за литар.
Од друга страна, мазутот М-1 НС поскапува за 0,694 денари, со што еден килограм ќе се продава за 54,273 денари.
Во пресметката на новите цени е применета владината одлука за намалување на ДДВ за дизелот на 10%, како и намалувањето на акцизата за четири денари по литар кај бензините и дизелот.







