Државниот завод за ревизија утврдил сериозни неправилности во работењето на пет друштва за игри на среќа во кои Државна лотарија има 51 отсто сопственички удел. Ревизијата се однесува на финансиските извештаи и законитоста на работењето во 2024 година, а за нив ревизорите изразиле неповолно мислење.
Проверени биле „Државна лотарија – Моззарт“, „Државна лотарија – 77 Битс“, „Државна лотарија – Везув“, „Државна видеолотарија – Казинос Австрија“ и „Ново-ВЛТ“. Во извештајот се наведуваат проблеми со паричните вложувања, набавките, трошоците, лиценците и контролата врз приредувањето игри на среќа.
Несогласувања во вложувањата
Кај дел од друштвата основани за приредување интернет-игри, ревизорите откриле разлики меѓу договорите за заедничко вложување и договорите за основање. Во едните биле предвидени влогови од вкупно 2,17 милиони евра, со уплата во рок од три години, додека во договорите за основање биле наведени 771.470 евра, со рок од една година. За разликите, според ДЗР, не биле доставени доволно веродостојни докази.
Ревизорите оцениле дека уплатата на влоговите во период од три години не е во согласност со Законот за трговските друштва. Кај „Моззарт“ и „Везув“ неуплатените делови не биле соодветно евидентирани во трговските книги. За „Везув“ е наведено дека од договорениот влог од околу 2,17 милиони евра биле уплатени девет милиони денари — приближно 146 илјади евра.
Набавки и долгорочни договори
ДЗР утврдил слабости и при набавките на софтвер, интернет-платформи и услуги за одржување и техничка поддршка на терминали за видеолотарија. Постапките биле спроведувани преку јавни повици и интерни правилници, без примена на Законот за јавните набавки. Во повеќето случаи била доставена само една понуда.
Дополнително, биле склучувани долгорочни договори со важност до 15 години кај дел од друштвата, а до 10 години кај „Ново-ВЛТ“.
Ревизорите забележале и дека дел од трошоците за маркетинг, рекламирање и промоција не биле поткрепени со целосна документација. Поради тоа, не можело во целост да се потврди дали средствата биле потрошени наменски и рационално.
Кај „77 Битс“ и „Ново-ВЛТ“ биле утврдени договори за закуп на деловен простор без претходно одобрение од собирот на содружници. Кај „77 Битс“ биле забележани и авансни плаќања за закуп пред потпишување договор, како и позајмици кон поврзани друштва без потребното одобрение. Според извештајот, позајмиците подоцна биле вратени.
Прашања околу лиценците и надзорот
За друштвата што приредувале интернет-игри на среќа, ДЗР наведува дека работеле врз основа на права пренесени преку договорите за заедничко вложување и основање. Сепак, на ревизијата не ѝ бил презентиран документ за издадена лиценца за приредување интернет-игри.
Посебно е посочена „Државна видеолотарија – Казинос Австрија“, за која ревизорите утврдиле дека продолжила да приредува интернет-игри и по истекот на договорниот рок на крајот на 2016 година, сè до октомври 2024 година.
Извештајот укажува и на пошироки слабости во системот за надзор: не биле донесени сите потребни подзаконски акти, не биле утврдени минимални технички стандарди за опремата и софтверот, а не бил воспоставен ниту информациски систем за следење на уплатите, исплатите и приходите од електронските игри.
До јануари 2026 година биле поднесени барања за ограничување на пристапот до 307 веб-страници и апликации што приредуваат игри на среќа. Но, според ДЗР, и понатаму биле достапни интернет-страници што нудат игри без лиценца.
Дел од друштвата веќе се во постапки за престанок
Владата во септември 2024 година одобрила започнување постапки за престанок на „Моззарт“, „77 Битс“ и „Везув“. Во декември истата година Државна лотарија поднела тужби до Основниот граѓански суд во Скопје, а постапките, според извештајот, сè уште траеле.
„Моззарт“ и „77 Битс“ во меѓувреме престанале да приредуваат интернет-игри преку своите платформи, додека „Везув“ не ја започнал основната дејност за која бил регистриран. „Ново-ВЛТ“, пак, не започнало со работа и било избришано од Трговскиот регистар во ноември 2025 година.
ДЗР утврдил и слабости во внатрешните контроли, евиденцијата на средствата и обврските, пописот и постапувањето со загубите. За констатираните неправилности, ревизорите дале препораки до одговорните лица и органите на управување да преземат мерки за нивно отстранување.








