Административните службеници кои две години по ред ќе добијат најниска оценка за својата работа ќе останат без работното место. Ова е една од измените на Законот за административни службеници, што денеска беше изгласан во Собранието, по скратена постапка.
Измените, според предлагачите треба да обезбедат појасна, единствена, ефикасна и правно сигурна примена на прописите, уредувајќи го статусот на службениците во Службата на Собранието и регулаторните тела на исто ниво со другите посебни државни службеници.
Меѓу другото, за потежок дисциплински престап е предвидена парична казна од 30 проценти од едномесечната нето-плата, во траење од еден до шест месеци. Можни се и распоредување на пониско работно ниво или престанок на работниот однос, под утврдените услови.
Со измените се укинува можноста за унапредување без објавување интерен оглас, а партиски активности на работа ќе се третираат како дисциплински престап. Како потежок дисциплински престап се наведуваат застапувањето политички уверувања при извршување на работните задачи, учеството во изборни активности во работно време и истакнувањето партиски симболи во работните простории.
Опозициската СДСМ не гласаше за овие законски измени, бидејќи според нив новите одредби овозможуваат политичко влијание врз вработените во администрацијата, вклучително и во собраниската служба. Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски во обраќањето пред Собранието порача дека независноста на собраниската служба не претставува ново законско решение, бидејќи такви права веќе биле воспоставени во периодот од 2020 до 2024 година.
Тој потсети дека тогаш концептот на независна собраниска служба бил поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ, поради што смета дека неговото повторно воведување не треба да се претставува како ново достигнување.
„Собраниската служба треба да има независност и тука нема дилема, но собраниската служба не може преку други одредби таа независност да ја губи“, рече Спасовски.
Тој предупреди дека предложените правила за оценување и дисциплинска одговорност можат да се користат за санкционирање на вработените, вклучително и преку негативни оценки што би можеле да доведат до престанок на работниот однос.
„Ставате одредби со коишто можете да ги дисциплинирате сите во службата, во администрацијата, па и во собраниската служба“, истакна тој.








