Седумдесет и седумгодишен маж од велешкото село Мамутчево загинал откако бил прегазен од патничко возило на автопатот Градско-Велес. Возачот по несреќата го напуштил местото и полицијата трага по него.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила на 5 октомври околу 5:30 часот, на делницата кај местото познато како „Штипска клучка“.
Возилото удрило во пешакот С.М. (77), по што возачот продолжил да се движи и го напуштил местото на сообраќајната несреќа. Од здобиените повреди, пешакот починал на самото место, а лекар констатирал смрт.
Полициски екипи извршиле увид, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на Институтот за судска медицина за обдукција.
Во тек се мерки за утврдување на сите околности под кои се случила несреќата, како и за пронаоѓање на возилото и возачот кој го напуштил местото.
По целосното расчистување на случајот, надлежните најавуваат соодветна пријава.








