Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека Европската Унија очекува Северна Македонија да ги спроведе уставните измени и да ги вклучи Бугарите во Уставот, како дел од преземените обврски во европскиот интегративен процес.
Кос, говорејќи за процесот на пристапување, нагласи дека исполнувањето на договорените услови е неопходно за земјата да може да продолжи напред кон членство во ЕУ.
Уставните измени, со кои Бугарите треба да бидат внесени во Преамбулата заедно со останатите заедници, се дел од условите поврзани со преговарачката рамка за Северна Македонија. Тие досега не се усвоени во Собранието, поради недостиг на потребното двотретинско мнозинство.
Според Кос, Европската Унија останува посветена на европската перспектива на Северна Македонија, но очекува земјата да ги исполни преземените обврски. Таа порача дека спроведувањето на уставните измени би овозможило продолжување на процесот на пристапување.
Прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот и натаму е една од главните политички теми во земјата. Власта досега инсистира дека уставните измени не треба да се прават под услови што ги смета за неповолни, додека од Брисел повеќепати е повторувано дека станува збор за обврска преземена во рамките на договорената преговарачка рамка.








