СДСМ реагира дека отворањето предмет од Државната комисија за спречување на корупцијата за можен судир на интереси кај едно лице не претставува истрага за начинот на кој биле потрошени околу 5,5 милиони евра за прославата по повод Денот на независноста.
Од партијата велат дека евентуалниот судир на интереси кај член на Комисијата, кој истовремено учествувал и како изведувач, е само еден сегмент од случајот. Според нив, за да се утврди како биле трошени средствата, неопходно е Јавното обвинителство да отвори предмет и да го следи текот на парите.
„Судир на интереси за член на Комисијата кој учествувал и како изведувач е само еден сегмент, за целиот скандал потребно е истрага од Обвинителството по трагот на парите“, наведуваат од СДСМ.
Опозициската партија повторно побара да се објават одлуките, договорите, анексите, фактурите и податоците за исплатите поврзани со организацијата на прославата. Од СДСМ прашуваат и дали бил платен данок за сите реализирани активности и приходи.
Во реакцијата се поставуваат и конкретни прашања за финансирањето преку Државната лотарија – дали постоела одлука на Собранието на акционери за издвојување на средствата, кој го одобрил трошењето на повеќе од 300 милиони денари и врз која законска основа.
СДСМ бара да се испита и начинот на кој бил ангажиран настапот на Дејвид Гета, колку чинел, кога бил договорен и кога бил платен. Дополнително, партијата прашува колку средства добиле компаниите поврзани со организацијата, како биле реализирани исплатите и каде завршиле приходите од продадените билети.
Од СДСМ сметаат дека ДКСК не може да го опфати целиот случај и инсистираат Јавното обвинителство да ги обезбеди сите документи, да го испита процесот на донесување на одлуките и да утврди дали имало незаконско или неекономично трошење на јавни средства.







