Владата на Македонија најави намалување на ДДВ за дизелот од 18% на 10% со цел да го заштити стандардот на граѓаните од светската енергетска криза. Опозициската СДСМ ја оцени мерката како задоцнета, барајќи ДДВ од 5% и укинување на акцизата.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Влада на Македонија на вонредна седница ќе донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност за дизел-горивото од 18 на 10 проценти. Оваа мерка доаѓа во услови на нов глобален раст на цените на нафтата на светските берзи, каде цената надмина 100 долари за барел. Премиерот истакна дека и покрај предизвиците и светската енергетска криза, земјата се уште задржува пониски малопродажни цени на горивата во споредба со останатите држави во регионалното опкружување, како Србија, Црна Гора и Албанија. Пресметката се очекува да се рефлектира пред новата регуларна одлука на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
„Свесни сме дека мерката ќе има импликации врз Буџетот, но наша цел е максимално да го заштитиме стандардот на граѓаните“, порача Мицкоски.
Цените на горивата и натаму растат: Историски рeкордна цена на дизелот во САД
Опозициската партија СДСМ изнесе остри критики кон извршната власт, оценувајќи ја мерката за намалување на ДДВ-то како задоцнета и половична. Според нивните ставови, намалувањето стапува на сила дури откако високите цени сериозно го погодија стандардот на населението и предизвикаа инфлаторен притисок врз основните производи, транспортот и семејните буџети.
„СДСМ уште на почетокот на кризата бараше конкретни мерки: ДДВ на горивата да падне на 5 проценти, акцизата да се укине веднаш, ДДВ на основната храна да се симне на нула. Не за камера. За да остане леб на масата. Владата на бандата не мрдна. Ги пушти цените да побеснат. Го гледаа народот како полни резервоар на рати и купува половина корпа Сега кога штетата е направена, излегуваат со половична мерка и бараат аплауз. Ова не е грижа“, се вели во партиското соопштение.
Според актуелниот ценовник на Регулаторната комисија за енергетика, еден литар ЕУРОДИЗЕЛ БС во моментов се продава по максимална цена од 101 денар.










