Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, ги демантираше информациите дека синоќа учествувал во сообраќајна несреќа, откако на социјалните мрежи се појавија фотографии од неговото возило заглавено на улица во Скопје.
Во утринска објава на Фејсбук, Шилегов објасни дека немало судир, туку дека автомобилот заглавил во калта на раскопаните тротоари и морало да биде извлечен.
„Благодарение на пријатели и случајни минувачи, за помалку од 10 минути го извадивме возилото и си појдовме на кафе“, напиша тој, заблагодарувајќи им се на луѓето што му помогнале.
Шилегов нагласи дека е добро и дека ниту тој ниту возилото не претрпеле повреди или оштетувања. Според него, единствената последица од настанот е потребата автомобилот да се измие од калта.
Во реакцијата тој се осврна и на коментарите што се појавија по објавувањето на снимките, меѓу кои и шпекулациите дека бил под дејство на алкохол. Ги нарече злонамерни и порача дека таквите реакции нема да го обесхрабрат.
Информациите за наводната сообраќајна несреќа се проширија во текот на вчерашната вечер, откако беа објавени фотографии од возилото.









