Извршните директори на „OpenAI“, „Anthropic“ и други технолошки компании повикаа на меѓународни правила и глобален надзор врз развојот на вештачката интелигенција, предупредувајќи дека неконтролираната технологија може да претставува сериозен ризик.
На седницата на Советот за безбедност на ОН во Њујорк, Сем Алтман од „OpenAI“ и Дарио Амодеи од „Anthropic“ истакнаа дека е неопходна меѓународна соработка за безбедна употреба на AI.
Алтман повика на заеднички технички стандарди, пријавување сериозни безбедносни инциденти и размена на информации меѓу владите и приватниот сектор. Тој порача дека одлуките за иднината на технологијата не треба да ги носат само технолошките компании.
Амодеи предупреди дека неправилното управување со вештачката интелигенција може да создаде ризици за целото човештво. Директорот на „Hugging Face“, Клеман Деланг, посочи дека технологијата може да се користи и за напади и за одбрана од нив.
Сепак, воспоставувањето глобални правила се соочува со политички несогласувања. САД се противат на централизирана меѓународна контрола, додека Вашингтон и Пекинг продолжуваат да се натпреваруваат за технолошка доминација.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на меѓународен надзор, предупредувајќи дека правилата за вештачката интелигенција не треба да ги определуваат само неколку држави и технолошки компании.








