Реформите во правосудството и следните чекори на Северна Македонија на патот кон Европската Унија биле во фокусот на средбата меѓу министерот за правда Јетон Шасивари и евроамбасадорот Михалис Рокас.
На разговорите, Рокас му го презентирал на Шасивари Извештајот на Европската комисија за 2026 година, со посебен осврт на оценките и препораките што се однесуваат на работата на Министерството за правда.
Двајцата соговорници го поздравиле подобрувањето на оценките за правосудството во споредба со претходниот извештаен период, но истовремено ја нагласиле потребата реформите да продолжат со несмалено темпо. Посебно внимание било посветено на исполнувањето на препораките на Европската комисија и обврските предвидени во Реформската агенда.
Шасивари изразил благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија, оценувајќи дека подобрените оценки се потврда за досегашната работа, но и обврска за понатамошни резултати.
Според него, приоритет останува зајакнувањето на владеењето на правото, независноста на судството и ефикасноста на правосудните институции.
Средбата доаѓа по објавувањето на годишниот извештај на Европската комисија, во кој се нотира одреден напредок во делови од правосудниот систем, но се укажува и на сериозни слабости, особено во борбата против корупцијата. Европската комисија посочува дека се потребни поефикасни истраги, гонења и конкретни резултати во случаите на корупција на високо ниво.
Во делот на евроинтеграциите, останува и прашањето за уставните измени, кои се услов за отворање на првиот преговарачки кластер. Европската комисија повтори дека напредокот во реформите треба да биде проследен со исполнување на преземените обврски.
На крајот од средбата, Шасивари и Рокас ја потврдиле подготвеноста за продолжување на соработката меѓу Министерството за правда и Делегацијата на ЕУ, со цел реформските процеси да донесат видливи и трајни придобивки за граѓаните.









