Цената на нафтата над 95 долари — се стравува од ново зголемување на цените Светските финансиски пазари повторно се најдоа под силен притисок. Азиските берзи утрово паднаа остро, откако новото разгорување на конфликтот меѓу САД и Иран ги зголеми стравувањата дека поскапата нафта повторно ќе ја поттикне инфлацијата и ќе ги натера централните банки да ги зголемат каматните стапки.
Според Ројтерс, индексот МСЦИ/MSCI на азиско-пацифичките акции падна околу два отсто, додека корејскиот КОСПИ/KOSPI се намали за речиси четири отсто, а јапонскиот Никеи/Nikkei за 2,9 отсто.
Нафтата дополнително го зголеми притисокот врз пазарите. Цената брент се искачи над 95 долари за барел, достигнувајќи петнеделен максимум, поради стравувањата дека конфликтот може да го наруши транспортот низ стратешки важниот Ормуски Теснец.
Растот на цената на енергенсите создава нов проблем за централните банки. Поскапата нафта значи повисоки трошоци за транспортот и производството, што може повторно да ја забрза инфлацијата.
Во исто време, американскиот 10-годишен принос достигна 4,81 отсто, највисоко ниво во речиси три години. Тоа дополнително ги притиска акциите и ги зголемува трошоците за задолжување.
Пазарите сега сè повеќе очекуваат Федералните резерви да ги зголемат каматите на следниот состанок. Според пазарните проценки цитирани од Ројтерс, шансата за зголемување од 0,25 процентни поени се движи околу 67 отсто.









