Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека секој полнолетен американски државјанин ќе добие по 5.000 долари доколку Републиканската партија ја задржи контролата врз двата дома на Конгресот на ноемвриските избори.
Трамп ветувањето го нарече „Трампова дивиденда“, а средствата, според неговиот услов, би требало да се потрошат во САД. Тој планот го поврза со, како што рече, економскиот успех на земјата.
Сепак, не се познати деталите за тоа како би се финансирала исплатата.
Проценките покажуваат дека за околу 270 милиони полнолетни Американци би биле потребни повеќе од 1,3 трилиони долари. За реализација на ваквата мерка би била потребна и одлука од Конгресот.
Трамп слична идеја имаше и претходно, кога предлагаше исплати од 2.000 долари финансирани преку царинските приходи, но таа иницијатива не беше реализирана.










