Стојко Рамов е новиот претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), откако ја доби довербата на делегатите на VIII редовен конгрес на синдикатот, кој се одржа денеска.
Новиот синдикален лидер најави дека во следниот период ќе се фокусира на подобрување на работничките права и материјалната положба на вработените. Меѓу клучните задачи ги посочи склучувањето колективен договор за детската заштита и отворањето на прашањето за нов договор во културата.
„Ќе се залагам за враќање на достоинството на просветните работници и нивно поставување на местото што го заслужуваат во ова општество. Во претстојниот период треба да се потпише колективен договор за детската заштита и нов колективен договор за културата, така што нѐ чека многу работа. Се надевам дека ќе наидеме на разбирање од социјалните партнери, со што ќе успееме да го подобриме економско-социјалниот статус на просветните работници во цела Македонија“, порача Рамов.
Рамов доаѓа на местото на Јаким Неделков, кој 16 години беше претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура.









