Откако Народната банка на Србија (НБС) објави дека Извршниот одбор донел одлука за одземање на лиценцата за работа на Алта банка а.д. Белград и започнувањето на стечајната постапка, од раните утрински часови пред експозитурата на оваа банка во Нови Сад се формираа редици од загрижени граѓани.
Неколку десетици граѓани беа снимени утрово пред филијалата на Алба банка во Нови Сад. Клиентите на банката чекаат во ред по објавата во сабота наутро дека Алта ќе остане без лиценца за работа, пренесуваат српските медиуми.
Заедно со оваа информација доаѓаат и неофицијални и непотврдени податоци од одредени вработени кои стравуваат дека од понеделник ќе останат без работа, пренесува Нова.рс.
За потсетување, според официјалното соопштение на Народната банка на Србија, одлуката за одземање на лиценцата е донесена заради заштита на имотот на штедачите откако со контролата е утврдено критично влошување на ликвидноста на банката.
Должностите на стечајниот управник ги презема Агенцијата за осигурување на депозити (АОД), која со закон е обврзана да обезбеди исплата на осигурените депозити.
Народната банка на Србија апелира до граѓаните да ги следат официјалните соопштенија на регулаторот и Агенцијата за осигурување на депозити, преку кои ќе биде објавен точниот распоред и локациите каде ќе започне исплатата на гарантираните средства.
Според податоците на НБС, Алта банка е блокирана од 30 октомври 2026 година.







