Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе одржи надзорна расправа за состојбите во „АЛТА банка“ АД Битола, со цел да се утврдат причините за воведувањето привремена администрација, улогата на Народната банка и евентуалната институционална одговорност.
На 85. седница на Комисијата, закажана за 10 часот, поканети се овластени претставници на Владата, државните институции и други лица кои можат да дадат информации за случајот.
Расправата доаѓа откако на 1 ноември Народната банка воведе привремена администрација во битолската банка, по проблемите со нејзиниот доминантен акционер – „АЛТА банка“ Белград, на која српскиот супервизор ѝ ја одзеде дозволата за работа и беа исполнети условите за отворање стечајна постапка.
Од Народната банка образложија дека целта на мерката е банката да продолжи да функционира, а средствата и интересите на штедачите и доверителите да бидат заштитени. Привремената администрација е предвидено да трае три месеци, во кои треба да се утврди целосната состојба во банката.
Случајот предизвика и политички реакции. СДСМ побара расправа за да се утврди одговорноста за случувањата, додека од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека пратениците не се судии и дека евентуалната одговорност треба да ја утврдат надлежните институции.
Во меѓувреме, Народната банка постепено ги олеснува ограничувањата за клиентите. Од вчера повторно се достапни електронското и мобилното банкарство, во рамките на утврдените лимити, а денеска треба да започне со работа и експозитурата во трговскиот центар „Бисер“ во Скопје.
Надзорната расправа треба да даде одговори за постапувањето на институциите, заштитата на штедачите и следните чекори за стабилизирање на работењето на банката.









