Околу 7.000 млади крапови, со вкупна тежина од еден тон, денеска се пуштени во водите на Преспанското Езеро во рамки на акција за обновување на рибниот фонд. Подмладокот е добиен од икра на матици од самото езеро, со цел да се поддржи обновата на локалната популација на крап.
Порибувањето го спроведе регистрираното мрестилиште „Акватика“ од Неготино, за што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство обезбедило 500.000 денари преку Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2026 година.
Министерот за земјоделство Борче Серафимовски истакна дека со оваа активност се поддржува обновата на локалната популација на крап и се придонесува кон зачувување на биодиверзитетот на Преспанското Езеро.
Порибувањето го следеле и инспектори од Државниот инспекторат за земјоделство, кои извршиле контрола на вкупната тежина на подмладокот и бројот на единки пуштени во езерото.
Директорот на Инспекторатот, Ивица Ангеловски, најави засилени контроли на Преспанското Езеро, како и продолжување на соработката со риболовните здруженија за заштита на рибниот фонд и спречување на незаконскиот риболов.









