Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против маж осомничен за семејно насилство и до судот достави предлог за определување мерка притвор.
Според обвинителството, на 10 ноември, во својот дом, осомничениот по расправија физички ја нападнал девојката, почнал да ја дави и ја удирал со тупаници и шлаканици по главата и телото. Против него се води постапка за кривично дело „Телесна повреда“, според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како особено важна околност за барањето притвор, обвинителството го посочува фактот дека осомничениот, откако дознал дека е пријавен, избегал од полициската станица.
Според јавниот обвинител, тоа укажува на ризик дека може да се обиде да го избегне кривичниот прогон и да го попречи непреченото водење на постапката.
Станува збор за 24-годишникот кој на 10 ноември избегал низ прозорец од просториите на СВР Битола, додека полицијата преземала дејствија за негово лишување од слобода. По неколкудневно отсуство, тој на 16 ноември доброволно се предаде во полиција и беше задржан.









