Новите 150 електрични автобуси што треба да ги добијат Скопје и други градови во земјава ќе имаат најмалку 33 седишта, односно околу 30 седишта помалку во споредба со дел од електричните автобуси што претходно беа донирани од Европската Унија. Набавката е дел од проектот вреден околу 51 милион евра, кој предвидува и изградба на инфраструктура за нивно полнење.
Од вкупно 150 автобуси, 100 се наменети за Скопје, додека останатите 50 треба да бидат распределени во други градови. Предвидена е и набавка на 75 станици за полнење.
Во новата постапка, унгарскиот „Икарус“ и кинескиот „Зонтонг“ се појавуваат како дел од заедничка понуда. По спроведената евалуација и електронската аукција, понудата на „Икарус Електрик“ во заедничка понуда со ЕВН беше избрана како најповолна.
Претходната постапка за набавка на автобусите беше поништена поради жалбена постапка, по што Министерството за транспорт распиша нов тендер. На новиот повик пристигнале четири понуди, од кои само две ги исполниле условите за учество во електронската аукција.
Според условите на тендерот, автобусите треба да имаат капацитет од најмалку 66 патници и најмалку 33 седишта. Предвидено е да бидат опремени со системи за климатизација, а испораката треба да се одвива во три фази.
Првите 30 автобуси и 15 станици за полнење треба да бидат испорачани во рок од шест месеци од склучувањето на договорот. Следните 60 автобуси и 30 полначи треба да пристигнат во рок од 12 месеци, а последните 60 автобуси и 30 станици во рок од 18 месеци.
Различни се од претходно донираните автобуси
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации отвора и прашање за капацитетот на новите возила. Според анализата, новите автобуси ќе имаат значително помал број седишта од електричните автобуси кои претходно беа обезбедени преку европска донација.
Тоа значи дека при набавката е предвиден поголем простор за патници што стојат, наместо капацитетот да биде насочен кон поголем број седишта.
Целата набавка се финансира преку кредит, а покрај самите автобуси во проектот се вклучени и станиците за полнење. Со новата флота властите планираат постепено обновување на јавниот превоз и воведување поголем број електрични возила во градскиот сообраќај.
Според актуелниот договор, набавката опфаќа 150 автобуси и 75 станици за полнење, а договорот е склучен во септември 2026 година.









