Владата повторно издвојува стотици илјади евра за производство и комуникациска промоција на своите проекти. Генералниот секретаријат на Владата на 1 септември склучил нов договор со компанијата „Фрајдеј Комуникации ДООЕЛ Скопје“, во вредност од 21,2 милиони денари, односно околу 350 илјади евра, објави денеска „Фокус“.
Договорот е склучен за период од една година, а опфаќа три категории услуги – видео продукција, фото продукција и комуникациска кампања поврзана со владините проекти.
Во случајот дополнително внимание предизвикува сопственичката структура на компанијата, односно фактот што еден од нејзините косопственици е фирма регистрирана во Бугарија. Токму овој аспект повторно го отвора прашањето за критериумите според кои државните институции ги избираат компаниите за комуникациски и промотивни активности.
Ова не е првпат истата компанија да добие договор од Генералниот секретаријат на Владата. Во мај 2025 година бил склучен претходен договор вреден 23,6 милиони денари, или околу 360 илјади евра, исто така за видео и фото продукција, како и за следење и информирање за владините проекти. На двата договори како потписник од страна на Владата се појавува генералниот секретар Игор Јанушев.
Така, само преку овие два договора за приближно 16 месеци, ангажманот достигнува вредност од речиси 45 милиони денари, односно повеќе од 700 илјади евра.
Новиот договор доаѓа во период кога Владата интензивно ги промовира реализираните проекти и своите политики преку различни комуникациски канали. Средствата се наменети за продукција и кампањи, но висината на сумата повторно отвора дилема дали ваквите расходи се оправдани и колкава е нивната реална корист за јавноста.
Од друга страна, Владата ваквите ангажмани ги претставува како дел од комуникацијата со граѓаните и информирањето за проектите што ги реализира.
Сепак, со секој нов договор од ваков тип повторно се наметнува потребата од целосна транспарентност – од постапката за избор на компанијата, преку критериумите, па сè до конкретните услуги што ќе бидат испорачани.









