Министерството за образование и наука ќе повлече вкупно 33 учебници за прво, второ, четврто и петто одделение, но учениците ќе продолжат да ги користат во тековната учебна година. Одлуката ќе почне да се применува од учебната 2027/2028 година.
Според решенијата на Педагошката служба објавени на 13 октомври, повлекувањето се однесува на осум учебници за прво, осум за второ, девет за четврто и осум за петто одделение.
Како образложение се наведува законската можност за повлекување учебници по петгодишна употреба, како и стручни мислења на Бирото за развој на образованието. Во нив се посочува потребата од посовремени и пофункционални содржини што ќе го поттикнуваат критичкото и креативното размислување.








