Министерството за надворешни работи денеска го повика бугарскиот амбасадор во земјава, Желјазко Радуков, поради случувањата поврзани со Ива Михајлова, оценувајќи дека нејзиниот пречек во Софија и најавите за прием на високо ниво претставуваат провокација и ги поткопуваат напорите за градење доверба меѓу двете земји.
На средбата било истакнато дека ваквото постапување претставува директно навлегување во правниот систем на државата и испраќа погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и принципот на еднаквост пред законот.
„Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смее да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции“, соопштија од МНР.
Од Министерството посочија дека од Бугарија, како членка на Европската Унија, очекуваат почитување на европските принципи, судските постапки, институционалната соработка и владеењето на правото.
На бугарскиот амбасадор му било најавено и дека македонското МНР ќе преземе соодветни чекори за информирање на меѓународните институции, особено оние на Европската Унија и Советот на Европа.
МНР порача дека останува посветено на развојот на добрососедските односи засновани на меѓусебно почитување и доверба, очекувајќи иста посветеност и од бугарска страна.
Постапката против Михајлова подолго време не е само кривичен предмет. Таа стана и политичко прашање меѓу Скопје и Софија. Михајлова, која има македонско и бугарско државјанство, е обвинета за тешко дело против безбедноста во сообраќајот по несреќа на патот Кочани–Штип во која едно лице загинало, а повеќе лица биле повредени. Таа ја оспорува вината и во текот на постапката бараше да замине на лекување во Бугарија.
Основниот суд во Кочани го одби нејзиното барање за враќање на пасошите, а таквата одлука беше потврдена и од Апелацискиот суд во Штип. Судот оценил дека не било доволно докажано оти предложената медицинска процедура во Бугарија е итна и неопходна, како и дека лекување може да добие и во Македонија.
Од друга страна, бугарски политичари и институции го претставуваа случајот како прашање на правото на лекување на бугарска државјанка. Бугарски пратеници присуствуваа на судските рочишта, а предметот доби и поширока политичка димензија во односите меѓу двете држави.
Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека не било однапред информирано и дека не учествувало во организацијата на нејзиното пристигнување. Тоа засега не дава основа да се тврди дека заминувањето било организирано од бугарската држава, но не ја исклучува можноста Михајлова и нејзиниот адвокат да добиле помош од поединци.
Ива Михајлова стигнала во Бугарија со судска забрана и без граничен запис









