Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека одржувањето предвремени парламентарни избори во моментов би било неодговорно кон државата, иако, како што вели, од партиски аспект тие би ѝ одговарале на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски објаснува дека во следните две години државата треба да обезбеди околу пет милијарди евра за подмирување на обврските, а само во 2027 година ќе бидат потребни 2,3 милијарди евра.
Според него, евентуалното одржување предвремени избори следната година би значело и формирање техничка влада во период од шест месеци, што ќе го отежне спроведувањето на финансиските обврски и може да ја доведе државата во ризик од банкрот.
„Ако гледаме од политички аспект на ВМРО-ДПМНЕ, нам ни одговараат избори, но ако гледаме суштински, тоа не е добро за државата“, посочува Мицкоски.
Тој појаснува дека средствата се потребни за враќање на задолжувањата направени за време на пандемијата со ковид-19, рефинансирање на дел од долговите, исплата на камати и покривање на буџетскиот дефицит.
За редовните парламентарни избори во 2028 година, според Мицкоски, финансиската ситуација би била полесна за менаџирање. Иако тогаш ќе треба да се обезбедат околу 2,7 милијарди евра, дел од обврските би можеле да се пренесат за 2029 година.
Како причина за тоа ја посочи 2029 година, која, според него, е единствената година што претходната влада не ја оптоварила со задолжување преку еврообврзница.
Мицкоски смета дека во услови кога претстојат значителни финансиски обврски, отворањето изборен процес во 2027 година и шестмесечниот период со техничка влада би било неодговорно кон државата.









