Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека владината коалиција ќе го задржи парламентарното мнозинство и доколку лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, одлучи да ја напушти Владата. Тој вели дека власта располага со најмалку 61 пратеник и дека нема причина за шпекулации за можна нестабилност на владината коалиција.
„И да ја напушти Максим Димитриевски, Владата има 61 пратеник, дури и повеќе од 61. Не барајте, нема потреба од теории на заговор или некакви сценарија“, изјави Мицкоски во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на Телма.
Изјавата доаѓа по најавите на Димитриевски дека ЗНАМ би можел да ја напушти Владата доколку се прифати полагање на правосудниот испит и на друг јазик освен македонскиот. Прашањето предизвика несогласувања меѓу коалициските партнери, а се најавува и разговор на лидерско ниво во рамките на владејачката коалиција.
Мицкоски посочи дека редовните парламентарни избори се планирани за пролетта 2028 година, но дека власта е подготвена да поддржи предвремени избори доколку опозицијата поднесе иницијатива за распуштање на Собранието.
„Здружената опозиција, СДСМ, Левица и ДУИ, поднесува барање во парламентот за распуштање, ние го поддржуваме и одиме на предвремени избори“, рече премиерот, додавајќи дека доколку граѓаните одлучат да ѝ ја дадат довербата на опозицијата, власта ќе го прифати тоа.
Во интервјуто тој се осврна и на најавените кадровски промени кај дел од заменик-министрите, посочувајќи дека контурите на решенијата се веќе утврдени и дека наскоро ќе бидат објавени конкретните предлози.
Мицкоски ги оцени како одлични и односите со лидерите на ВЛЕН, Билал Касами и Изет Меџити, а ги отфрли и тврдењата дека постои политички договор со ДУИ поврзан со враќањето на Артан Груби и Перпарим Бајрами во земјава.









