Либерално-демократската партија (ЛДП) реагира на случајот со Ива Михаилова, оценувајќи дека тој ја открива нефункционалноста на државните институции и сериозните проблеми со владеењето на правото.
Од партијата посочуваат дека случајот не треба да се користи за поттикнување етнички поделби и националистички кампањи, туку да се разгледува низ призмата на одговорноста на институциите. Истовремено, бараат да се испита дали во конкретниот случај се сторени и други кривични дела.
ЛДП ги критикува и изјавите на адвокатот на Михаилова, оценувајќи дека со таквите пораки дополнително се продлабочува правната и институционалната криза. Од партијата сметаат дека лицето обвинето во постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици треба да се соочи со правдата и да ги почитува судските ограничувања.
Според ЛДП, случајот отвора сериозни прашања за работата на полицијата, контролата на граничните премини и постапувањето на службите задолжени да спречат заминување од земјата на лица со одземени пасоши и изречени забрани.
Партијата предупредува дека измените на Кривичниот законик и недоволната одговорност на функционерите дополнително ја поткопуваат довербата во институциите. Од ЛДП оценуваат дека системот се соочува со сериозна криза и дека е неопходно институциите да ја преземат одговорноста за своето постапување.








