Либерално-демократската партија (ЛДП) реагира дека ВМРО-ДПМНЕ двапати во Собранието го одбило нивниот предлог-закон за воведување електронски нараквици за следење на сторителите на семејно насилство. Реакцијата следува по последните случаи на убиства на жени.
Претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, прашува зошто предлог-законот на нејзината партија не добил поддршка, иако, како што наведува, со него се предвидувал конкретен механизам за заштита на жртвите.
„До кога ќе ги слушаме жените како молат да не бидат убиени, а добрите предлог-закони ќе бидат во фиока? Доста со тоа „решете си го проблемот дома“, токму зад тие четири ѕида жени секојдневно живеат во страв, трпат насилство, молат за помош, а некои никогаш не излегуваат живи“, изјави Зајкова.
Од ЛДП појаснуваат дека нивниот предлог не се однесувал само на воведување електронски нараквици, туку предвидувал и правила за нивна употреба, ситуации во кои нивното поставување би било задолжително, како и итни мерки за заштита на жртвите.
Партијата тврди дека власта наместо да го поддржи нивното законско решение, со месеци ги држи заглавени во собраниските процедури и други предлог-решенија.
Од ЛДП бараат парламентарното мнозинство веднаш да го прифати и изгласа нивниот предлог-закон, оценувајќи дека за спречување на насилството се потребни конкретни институционални мерки, а не само јавни соопштенија.








