Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2026–2030 година сè уште не е усвоена од Собранието, иако Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја доставила уште во јуни годинава. Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата реагира на долгото чекање и бара пратениците без дополнително одложување да го разгледаат и усвојат документот, заедно со Акциониот план.
Од Платформата оценуваат дека со ваквото одолговлекување се прекинува континуитетот на националните антикорупциски политики, особено што претходната стратегија важеше до крајот на 2025 година. Според нив, институциите речиси една година немаат нов стратешки документ според кој ќе ги планираат и спроведуваат активностите за спречување на корупцијата.
Дополнителен проблем е што доцнењето го доведува во прашање спроведувањето на мерките планирани за 2026 година. Со оглед на тоа што годината е при крај, од Платформата сметаат дека нивната реализација е практично невозможна, имајќи го предвид времето потребно за планирање, координација и обезбедување средства. Оттаму предупредуваат дека државата не смее да дозволи застојот да се пренесе и во 2027 година.
ДКСК ја усвои стратегијата на 19 јуни 2026 година и истиот ден ја достави до Собранието. Документот дури на 23 септември беше разгледан од Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Сепак, и по комисиската расправа, не стигнал на пленарна седница.
Според податоците објавени на собраниската веб-страница, стратегијата е заведена како точка на дневниот ред на 111. седница, но со статус „неразгледана“, а ја нема ниту на собранискиот календар за ноември.
Граѓанските организации посочуваат дека ваквиот институционален застој е особено проблематичен во услови кога Европската Унија во своите извештаи констатира недостиг од напредок во борбата против корупцијата.
Оттаму бараат Собранието итно да ја усвои стратегијата, по што надлежните институции треба да започнат со планирање, обезбедување ресурси и спроведување на предвидените активности. Предупредуваат дека без усвојување на документот, институциите не можат да ги започнат обврските што произлегуваат од него.








