Регресот за годишен одмор во ЈП „Национални шуми“ се најде во центарот на спор меѓу раководството на претпријатието и синдикалните организации, откако беше објавено дека дел од вработените наместо паричен надомест добивале можност К-15 да им биде исплатен во огревно дрво. Додека синдикатите отворија сомнежи за повреда на работничките права и можни притисоци врз вработените, од претпријатието денеска тврдат дека паричната исплата е загарантирана, а изборот на огревно дрво е доброволен.
Во реакцијата на „Национални шуми“ се наведува дека е донесена одлука за исплата на регрес за годишен одмор за 2026 година во паричен износ од 13.670 денари. Според претпријатието, секој вработен има право да го добие овој износ во пари, согласно донесената одлука.
Истовремено, по барање на синдикалните организации и на вработените, била донесена и посебна, втора одлука, со која им се овозможува на работниците, доколку лично побараат и достават изјава, износот за регресот да го пребиваат со производи од претпријатието, односно со огревно дрво за сопствени потреби.
Од „Национални шуми“ нагласуваат дека при ваквото порамнување биле исполнети и даночните обврски. За огревното дрво бил платен данок на додадена вредност при склучувањето на купопродажниот договор, додека при пребивањето бил платен персонален данок за износот на регресот. Од претпријатието тврдат дека со тоа се исполнети сите законски обврски.
Дополнително, во реакцијата посочуваат дека во текот на 2026 година биле исплатени и трите заостанати регреси за 2023, 2024 и 2025 година, а актуелната одлука за 13.670 денари се однесува на четвртиот регрес, за тековната година.
Спогодба за три години регрес во огревно дрво
Контроверзијата започна уште на 5 февруари годинава, кога директорот на „Национални шуми“, Здравко Трајанов, и претседателот на синдикатот на КСС-СО, Кире Делов, постигнаа спогодба за исплата на регресот за годишен одмор за 2023, 2024 и 2025 година. Со договорот беше предвидено надоместоците да бидат исплатени во огревно дрво во текот на 2026 година.
Во документот беа наведени и износите за секоја од годините: 10.000 денари за 2023 година, 10.984 денари за 2024 и 12.372 денари за 2025 година.
Спогодбата ја објави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, кој тврдеше дека ја добил од загрижени вработени. Тој тогаш јавно праша дали документот е потпишан и дали работниците се присилуваат да потпишуваат изјави дека се согласуваат регресот наместо во пари да им биде исплатен во кубни метри огревно дрво.
Од ССМ се повикаа на Општиот колективен договор за јавниот сектор, склучен на 20 јули 2023 година, кој во членот 21 го утврдува правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 30 проценти од основицата, под услов работникот да бил вработен најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.
Дополнително, членот 5, став 2 од истиот договор предвидува дека со колективни договори на пониско ниво или со договори за вработување не можат да се утврдуваат понеповолни права од оние гарантирани со закон и Општиот колективен договор. Доколку такви одредби сепак се предвидени, тие се сметаат за ништовни.
ССМ предупреди и на можната кривична одговорност согласно членот 166 од Кривичниот законик, кој предвидува санкции за свесно повредување, одземање или ограничување на права што му припаѓаат на работникот во однос на платата, надоместоците, работното време и одморите.
Поднесена кривична пријава против директорот
Девет месеци по февруарската спогодба, на 10 ноември Синдикатот за градежништво соопшти дека поднел кривична пријава против директорот Здравко Трајанов, поради основано сомнение за злоупотреба на службената положба и повреда на правата од работен однос.
Од синдикатот велат дека пријавата следува по поплаките на повеќе вработени, кои се пожалиле дека наместо паричен регрес им било нудено огревно дрво.
Тие побараа Основното јавно обвинителство да ги испита наводите и да утврди дали имало неправилности и одговорност, нагласувајќи дека работничките права не смеат да бидат предмет на договори што би биле спротивни на законите.
И Левица објави дека до партијата стигнале сведоштва и документи од вработени во „Национални шуми“. Според нивните наводи, на работниците им била подготвена изјава со која требало да се согласат регресот од 13.670 денари да им биде компензиран со огревно дрво, при што изјавата требало да ја потпишат под материјална и кривична одговорност.
Од Левица побараа одговорност од раководството на претпријатието и вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за труд.









