Прославата на 35-годишнината од независноста на Македонија предизвика острар политички судир меѓу премиерот Христијан Мицкоски и опозициските партии СДСМ и Левица. Додека власта настанот го оценува како историски успех и афирмација на државата, опозицијата обвинува за ненаменско трошење милионски суми преку Државната лотарија и бара истрага за потрошените пари.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека прославата траела повеќе од еден месец и опфатила над 200.000 граѓани, оценувајќи ја како успешна. Централен дел од прославата беше концертот на светски познатиот диџеј Дејвид Гета, чие видео, според Мицкоски, собрало над еден милион прегледи за 14 часа.
Опозициската партија СДСМ острите критики ги насочи кон финансирањето на овие манифестации, тврдејќи дека за прославата биле потрошени 5,5 милиони евра преку средства од Државната лотарија, која според нив се користи како приватна каса на власта.
„Влада сега ги крие документи, суми, договори, анекси, добавувачи… Да било се чисто и законски немало да се крие. Суштината е дека ова е обид да се прикрие трагите на парите. Пет милиони евра народни пари кога ќе се потрошат мора граѓаните да знаат секој денар, секое евро каде завршило. Владата мора да ги објави договорите, анексите, фактурите, банкарските исплати, примателите, изведувачите, добавувачите и пресметаните даночни обврски. Сомнежите за дилови се оправдани, поради начинот, одлуката, криењето информации и отворањето на јавниот повик, кој траел само пет работни дена и на кој пристигнала само една понуда. Значи условите биле однапред приспособени за конкретен организатор бил договорен. Колку точно чинел настапот на Дејвид Гета – неговиот хонорар, продукцискиот пакет, сцената, техниката, транспортот и меѓународниот тим. И кога бил договорен и исплатен“, побара Маја Борозан од СДСМ.
Од опозициската партија велат дека доколку Владата не ги објави сите документи треба да биде отворена истрага.
И од Левица бараат да се објави одлуката за распоредување на добивката за 2024 година, актот со кој 300 милиони денари се определени за прославата, одлуките на надлежните органи на Лотарија, важечкиот правилник за спонзорства и целосната финансиска документација. Од таму велат дека во ревидираниот Биланс на успех на Државна лотарија за 2024 година е прикажана добивка од 547,54 милиони денари, што значи дека средствата од 300 милиони денари наменети за оваа прослава се еквивалентни на повеќе од половина од целата прикажана годишна добивка.
„Истовремено, ДЗР утврдил дека во цела 2024 година Лотарија исплатила 70,599 милиони денари за сите спонзорства,а оваа операција е повеќе од четирикратно поголема од целокупниот годишен износ за спонзорства во годината од која наводно потекнуваат парите. А има уште една причина зошто јавноста не смее да прифати ништо на доверба. Имено, ДЗР веќе ја има компромитирано практиката на самата Лотарија токму во областа на спонзорствата. При ревизијата за 2024 година е утврдено дека друштвото немало интерен правилник со прецизно дефинирани критериуми според кои се определува висината на спонзорствата и донациите, што според ревизорите овозможувало субјективно одлучување, не биле доставувани сите задолжителни извештаи до УЈП, недостасувале извештаи од приматели за начинот на користење на средствата, а за дел од исплатите не бил потврден јавниот интерес согласно предвидената постапка“, се вели во соопштението на Левица.
Прославата по повод 35 години независност на Македонија чинела околу 5,5 милиони евра, односно повеќе од 340 милиони денари. Според информациите што ги соопшти владината портпаролка Марија Митева, околу 300 милиони денари биле обезбедени преку Државната лотарија, додека останатиот дел од средствата бил обезбеден од приватни компании и други извори.
Владата уверува дека со организацијата на прославата не бил оптоварен државниот буџет, но начинот на кој се обезбедени и потрошени милионските средства отвори низа прашања во јавноста, особено околу улогата на Државната лотарија и транспарентноста на целокупното финансирање.










