Жичницата на Водно се очекува повторно да биде ставена во функција од следниот месец, откако ќе завршат реконструкцијата и потребните безбедносни проверки, најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Во моментов се работи на обновување на жичницата и темелна реконструкција на кабините, а се очекува да пристигне и моторот кој е испратен на репарирање во странство.
Ѓорѓиевски информира дека при извршениот увид биле утврдени сериозни недостатоци, кои ги поврза со долгогодишното неспроведување на неопходните големи сервиси и редовното одржување.
„Беше потребен обемен и темелен зафат, занемаруван речиси една деценија. Затоа жичницата беше ставена вон функција. За мене, безбедноста на нашиот народ е пред сè. Тука нема компромис“, објави градоначалникот.
Жичницата беше затворена во мај годинава, по контрола на компанијата „Допелмаер“, при која беа утврдени повеќе недостатоци. Тогаш Ѓорѓиевски најави дека таа нема да биде пуштена во употреба сè додека целосно не се утврди дека е безбедна за патниците.









