Поранешната директорка на гостиварски „Комуналец“, Артана Асани, ќе биде префрлена од затворски во куќен притвор. Одлуката ја донел Основниот суд во Гостивар по барање на нејзините бранители и по позитивно мислење од Основното јавно обвинителство.
Асани ќе ја издржува мерката во домашни услови, со ограничувањата што ги определил судот. Постапката против неа продолжува во рамките на истрагата за загадувањето на водата за пиење во Гостивар.
Таа беше уапсена на 20 јули заедно со раководителот на Одделението за водовод и техничкиот директор на јавното претпријатие. Тројцата добија по 30 дена затворски притвор, кој подоцна беше продолжен.
Обвинителството ги сомничи за тешки дела против животната средина и природата. Според истрагата, со штетна материја била загадена водата во преливната комора на системот што го снабдува Гостивар и дел од околните села, поради што водата станала неупотреблива за пиење.
За другите двајца осомничени раководители засега нема промена на мерката притвор.










