Македонска организација се најде меѓу 35 организации што египетскиот Кривичен суд во Каиро ги прогласи за терористички, а албанскиот медиум „Топ ченел“ објави дека со Форумот на исламската младина во Северна Македонија раководи Мухамет Муртези, претседател на Советот на Општина Чаир и функционер на ВЛЕН. Сепак, засега нема официјална потврда дека здружението со кое е поврзан Муртези е истото правно лице што е наведено во египетската судска одлука.
Одлуката на египетскиот суд, објавена вчера во службениот весник, опфаќа 35 организации и 36 лица од повеќе европски држави. Тие ќе бидат внесени во националните регистри на терористички организации и лица во период од пет години.
Македонската организација во документот е наведена под арапското име „Таджаму ал-Шабаб ал-Ислами“, што во превод значи „Исламско младинско здружение“. Меѓутоа, во објавените информации нема дополнителни податоци за нејзиниот идентитет, седиште или конкретни причини поради кои е вклучена на списокот.

„Топ ченел“ објави дека Форумот на исламската младина во Северна Македонија го предводи Мухамет Муртези, кој е претседател на Советот на Општина Чаир и кадар на ВЛЕН, коалициски партнер во Владата.
Муртези ја извршува функцијата претседател на Советот со мандат од 2025 до 2029 година, а на локалните избори во октомври минатата година беше дел од советничката листа на ВЛЕН во Чаир. На неговиот профил на Фејсбук има објавено и фотографии со Изет Меџити, градоначалникот на Општина Чаир и еден од лидерите на коалицијата.
Според „Топ ченел“, Муртези во изминатиот период преку социјалните мрежи изразувал поддршка за протестите во Албанија и упатувал критики кон владата на премиерот Еди Рама.
„Дали ерата на Еди Рама навистина ќе заврши наскоро и дали целото ова насилство што се случува на улиците на Албанија ќе заврши, останува да се види. Се надевам дека оваа среќна вест ќе дојде утре“, напишал Муртези во една од објавите на Фејсбук.
Името од египетската листа потсетува на регистрираното здружение „Исламски младински форум – Скопје“, кое се наоѓа во јавниот список на граѓански организации. Сепак, самото совпаѓање во преводот не е доволно за да се потврди дека станува збор за истата организација, ниту дека субјектот што го посочува „Топ ченел“ е оној на кој се однесува одлуката на египетскиот суд.
На списокот се наоѓаат и организации од Франција, Велика Британија, Германија, Швајцарија, Шведска и Италија. Меѓу нив се Советот на муслиманите во Европа, Исламската асоцијација во Велика Британија, Лигата на муслиманите во Швајцарија, Исламската заедница во Германија, Европскиот совет за фетви и истражувања, Европскиот совет на имами и Европскиот институт за хуманистички науки.
Во досега објавените информации од египетските власти нема посебно образложение за македонскиот субјект, ниту се наведени конкретни докази за негова наводна поврзаност со терористички активности. Не е познато ниту дали македонските институции добиле официјално известување за одлуката и дали ќе преземат какви било активности во врска со неа.









