На Клиниката за инфективни болести во текот на викендот почина 70-годишен пациент од скопската населба Аеродром, со што бројот на жртви од западнонилска треска се искачи на десет.
Според изјавата на директорот д-р Фадил Цана, починатиот пациент имал повеќе придружни заболувања и минал 57 дена на Одделот за интензивна нега. И покрај долготрајните медицински напори, тој подлегнал на компликациите предизвикани од вирусот.
„Има само еден нов потврден прием од 25 септември. Инаку, вкупно на Клиниката се седум пациенти хоспитализирани, од кои двајца се со потешка клиничка слика. Тие се нови пациенти на кои им се влошила клиничката слика и се префрлени во Одделот за интензивна нега“ изјави д-р Цана.
Според последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), заклучно со 22 септември во земјата биле регистрирани вкупно 70 заболени лица, од кои 65 потврдени и пет веројатни случаи.
Најголем дел од заболените, односно 63 лица, биле жители на Скопје. Кај 68 пациенти била утврдена тешка невроинвазивна форма на болеста, која барала болничко лекување. На 11 август, Центарот за јавно здравје Скопје официјално пријави епидемија на неколку скопски општини, меѓу кои Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел. Вкупниот биланс на Клиниката за инфективни болести покажува дека од хоспитализираните пациенти со невроинвазивна форма, десет починале, педесет се излекувани, а седум се сè уште на лекување.
Западнонилската треска не стивнува: 58 заболени, два нови случаи и два смртни исходи за една недела
Западнонилската треска е заболување што се преку убод од заразен комарец, а природните резервоари и вектори постојано се присутни во околината. Директорот д-р Фадил Цана истакна дека стапката на смртност во земјата не отстапува од официјалните статистики што се регистрираат во други европски земји погодени од истиот вирус, како што се Грција и Италија.
Болеста најчесто ги погодува возрасните лица со дополнителни коморбидитети, кај кои се развиваат потешки клинички манифестации, вклучувајќи зафатеност на централниот нервен систем.









