Набавените ВЛТ-апарати на АД „Државна лотарија“ се примени, евидентирани во имотот на друштвото и се чуваат во магацин, а за нивната набавка биле исплатени меѓу 97 и 98 проценти од договорениот износ. Ова го посочи актуелниот директор на Државна лотарија, Александар Климовски, сведочејќи на денешното рочиште за предметот „Државна лотарија“ во Основниот кривичен суд во Скопје.
Климовски објасни дека кога ја презел директорската функција на 5 август 2024 година, договорите за набавка веќе биле склучени и речиси целосно реализирани, а апаратите биле сместени во магацин. Единствено, според неговиот исказ, останале неисплатени околу три проценти од обврските, за кои биле извршени дополнителни плаќања по неговото доаѓање на функцијата.
Тој појасни дека станувало збор и за придружни столици, а исплатите биле направени поради веќе преземените договорни обврски на друштвото и можноста од поведување извршна постапка доколку не се подмират.
Климовски нагласи дека нема судска одлука со која е запрена реализацијата на договорот или е наложена заплена на опремата. Според него, Државна лотарија има евиденција и контрола врз терминалите, чија локација била утврдена со попис.
Сепак, апаратите сè уште не можат да бидат ставени во употреба. За нивно активирање се потребни две одобренија – од Управата за јавни приходи за просториите во кои би биле поставени и од Министерството за финансии за нивно пуштање во употреба.
„За конкретните ВЛТ терминали фактичката состојба, колку што знам, е дека има одобрение од УЈП само за просторот, а од Министерството за финансии нема решение за употреба“, изјави Климовски, додавајќи дека постапките биле започнати пред тој да стане директор и дека самиот нема поднесено барања за овие одобренија.
Во сведочењето тој се осврна и на тоа зошто Државна лотарија повеќе не приредува игри преку ВЛТ-терминали. Според него, оваа дејност е пренесена во 2013 година, кога целокупното право за приредување на овие игри било внесено како влог во друго друштво – Државна видеолотарија.
Тој објасни дека Државна видеолотарија првично била основана од два содружници – Државна лотарија и компанија основана од групацијата „Новоматик“. Подоцна, по автентичното толкување на Законот за игрите на среќа, следувала статусна промена со раздружување, при што „Ново ВЛТ“ престанало да постои.
Климовски, кој сведочи како претставник на оштетеното друштво, изјави дека Државна лотарија се приклучува кон кривичниот прогон. За евентуалното имотно-правно побарување и висината на штетата, друштвото дополнително ќе се произнесе во текот на судската постапка или преку граѓанска постапка, откако ќе одлучат неговите органи.
На денешното рочиште беше сослушана и вештото лице Анита Поповска, која одговараше на дополнителни прашања за финансиските трансакции поврзани со набавката. Таа посочи дека последното плаќање од рамковната спогодба било реализирано преку две трансакции од по 9.625.968 денари, исплатени на 26 септември 2025 година.
Судскиот процес се води против поранешниот вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами и уште шест лица – Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, осумтемина обвинети со пречекорување на службените овластувања ѝ нанеле штета на Државна лотарија од 596.125.511 денари. Сите обвинети досега се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судењето го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски. Следното рочиште е закажано за 11 декември.









